Луѓето често ќе ве повредуваат и навредуваат и тоа ќе ве боли, но најмногу ќе ве боли од блиските луѓе. Но вие не треба да ја прифаќате навредата, напротив со крената глава продолжете си напред во животот и оставете се во Божји раце.
Оваа мудра приказна ќе ви даде поука и насока како да успеете да ја надминете таа ситуација.
Еден монах се сметал за човек кој секогаш останувал смирен и не дозволувал да биде навреден. Луѓето од најоддалечените делови на светот доаѓале за совет кај него.
Кога ова го слушнал некој расипан човек, решил да го тестира мудрецот. Отишол кај него и штом го видел почнал да го навредува и понижува.
Откако ги потрошил навредите, застанал за момент и зачудено увидел дека монахот е сè уште мирен и присебен како и пред неговото доаѓање.
Тоа го изнервирало уште повеќе, па продолжил да пцуе уште повалкано и полошо од претходно, но залудно – изгледало како тоа воопшто да не влијае на мудрецот.
Кога го изгубил и последниот атом енергија, решил да му пријде на монахот и да ја дознае неговата тајна.
„Ја разбирам твојата духовност и дека не ти е грижа што мислат и зборуваат другите за тебе, но јас те понижив и навредив. Треба да научиш да се бориш за себе“ – му рекол човекот.
„Сине, може ли само да ти поставам две прашања?“ – го прашал монахот, прозборувајќи за прв пат.
„Се разбира“, рекол човекот.
„Ако ми донесеш подарок, а јас не го прифатам, на кого сè уште му припаѓа подарокот?“
„Па, ако не го прифатиш подарокот, тој сепак ми припаѓа мене“, одговорил расипаниот човек.
„И сега, синко, ако имаш само навреда за мене, а јас не ја прифаќам, на кого му припаѓа таа сè уште? – заклучил мудриот, се свртел и си заминал, а човекот останал зачуден, без зборови.